Оптимални услови за есенска сеидба
Невообичаеното топло време за овој период од годината ќе им овозможи на земјоделците квалитетно да ја извршат есенската сеидба, која е во полн ек. Стабилното и суво време ќе продолжи и во наредните денови и ќе им помогне на овоштарите во собирање на родот од доцните сорти...

Временските услови оваа есен се добри за земјоделците и за вршење на земјоделските работи. Стабилното и суво време во поголемиот дел од изминатите денови им овозможи оптимални услови за изведување на есенската сеидба, која е во полн ек.
Според агрометеоролозите ваквото време во првата недела од ноември ќе биде добро и за бербата на овошките од доцните сорти и собирање на преостанатите градинарски култури на нивите, надвор од пластениците и од оранжериите.
И понатаму, прогнозите на Хидрометеоролошкиот завод, за наредниот период се дека ќе имаме повторно стабилно и суво време со повремена облачност, што е добар предуслов за земјоделците за продолжување на работите на отворено. Температурите на почвата ќе бидат оптимални за поникнување на веќе посеаното.
Температурите на воздухот, пак, од 20 и над 20 степени, се некарактеристични во овој период од годината, но сепак добредојдени и ќе создадат оптимални услови за извршување на сеидбените активности.
Методија Трајков
