Четворица загинати, меѓу кои и напаѓачот, најмалку 15 лица повредени во терористичкиот напад во Виена
Полицијата успеа да ликвидира еден од осомничените, а од австриското МВР тврдат дека најмалку уште едно лице е во бегство. Убиениот терорист носел елек со експлозивен уред. Освен војската, во центарот на Виена се распоредени и 150 припадници на специјалната единица.

Затворени училишта, празни улици по координираните терористички напади на шест локации во Виена само неколку часа пред активирањето на едномесечниот локдаун. Во пукотниците во близина на главната синагога загинаа три лица, а најмалку 15 лица се повредени. Полицијата успеа да ликвидира еден од осомничените, а од австриското МВР тврдат дека најмалку уште едно лице е во бегство. Убиениот терорист носел елек со експлозивен уред. Освен војската, во центарот на Виена се распоредени и 150 припадници на специјалната единица.
„Ваква ситуација не сме имале со децении во Австрија. Ќе има последици. Идентификуваниот напаѓач бил поддржувач на Исламска држава. Во тек се опсежни испрашувања и мерки во однос на околностите во кои живеел“, изјави Карл Нехамер, министер за внатрешни работи на Австрија.
„Првин слушнав пукотници, па погледнав низ прозоредот и видов лице кое трча кон баровите и рестораните што се лоцирани на нашата улица. Луѓето почнаа да трчаат, имаше еден или двајца кои ги бркаа. Толку видов“, изјави Шломо Хофмајстер, рабин.
Европските лидери ги осудија терористичките напади. Неодамна и Франција беше цел на вакви операции предизвикани од верска нетрпеливост. Поддршка за официјален Брисел во борбата против тероризмот и од претседателските кандидати на САД, Доналд Трамп и Џо Бајден.
