13 колебливи сојузни држави во фокусот на претседателските избори во САД

03.11.2020 11:35

Пресудни се т.н. „електори“, а не бројот на гласови на ниво на целата земја...

Граѓаните на САД го бираат 46. претседател. Актуелниот шеф на Белата куќа, републиканецот Доналд Трамп ветува подобра економија, повеќе работни места, заштита на американските интереси во трговијата, и строги закони за мигрантите.

Демократскиот кандидат Џо Бајден се залага за нови економски можности за работниците, заштита на животната средина и здравствените права, како и подобрување на меѓународните сојузништва. Резултатот е неизвесен, фокусот е врз 13-те т.н. „колебливи сојузни држави“.

Рекордни 95 милиони Американци се изјаснија на предвременото гласање, од кои над 60 милиони ја искористија опцијата преку пошта. Според изборниот систем, не победува кандидатот кој освојува најмногу гласови на ниво на целата земја, туку оној кој ќе добие најмалку 270 од 538 т.н. „електори“.

Во Мичиген – една од колебливите држави - е забележана зголемена продажба на оружјето поради страв од немири во случај да бидат спорни изборните резултати.