Петмина загинати, 17 повредени, во терористичките напади во Виена
Австриската влада прогласи тридневна жалост по терористичкиот напад во Виена. Во пукотниците загинаа четворица цивили, а 17 се повредени. Полицијата усмрти еден од напаѓачите, кој според австриското МВР, бил Албанец со потекло од Северна Македонија кој веќе бил осуден за тероризам. На улиците се распоредени и припадници на специјалната единица „Кобра“...

Двајца мажи и две жени им подлегнаа на повредите од координираните терористички напади на шест локации во близина на главната синагога во Виена, само неколку часа пред активирањето на едномесечниот локдаун. Полицијата успеа да ликвидира еден од осомничените, а австриското МВР соопшти дека извршителот на масакрот бил 20-годишниот Кујтим Фејзулаи со двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Бил роден во 2.000 година во Виена, а лани во април бил осуден на 22 месеци затвор поради обид за патување во Сирија за да се придружи на Исламска држава. Во декември бил условно пуштен на слобода, бидејќи се сметал за младо полнолетно лице, поради што ги искористил привилегиите кои му следуваат според Законот за суд за малолетници. Според германски „Билд“, планот за нападите го објавил на Инстраграм.
„Мора да бидеме свесни дека ова не е конфликт меѓу христијаните и муслиманите, Австријците и мигрантите. Ова е борба меѓу многумина кои веруваат во мир и оние кои сакаат војна. Ова е војна меѓу цивилизацијата и варварството, и ние ќе ја водиме битката со најголема решителност“, изјави австрискиот канелар, Себастијан Курц.
„Ваква ситуација не сме имале со децении во Австрија. Ќе има последици. Идентификуваниот напаѓач бил поддржувач на Исламска држава. Во тек се опсежни испрашувања и мерки во однос на околностите во кои живеел“, изјави Карл Нехамер, министер за внатрешни работи на Австрија.
Се огласија и верските лидери. За нив е несфатлив и апсолутно неочекуван ваков инцидент во град каков што е Виена.
„Драматично е да видите дека во нашиот безбеден град се случува ова, но ако се случи овде, тоа значи дека е можно и на другите места. Кој и да бил мотивот на напаѓачот бил насочен против човештвото. Тој пукаше во народот, не верувам дека можел да направи разлика меѓу луѓето во кои пукал, отвори оган кон сите што ги виде“, изјави рабинот Шломо Хофмајстер.
„Добив многу пораки од различни земји. Луѓето изразуваат солидарност. Се сеќавате на Батаклан, оној ужасениот масакр во Париз кога загинаа многу. Еден новинар кој ја загуби сопругата и остана самохран татко на мало дете напиша нешто прекрасно: „Вие нема никогаш да добиете омраза од нас, нема да ви одговориме со омраза, ќе продолжиме на патот на солидарноста, разумноста“, изјави кардиналот Кристоф Шенборн.
Осуда и од европските лидери. Неодамна и Франција беше цел на напади предизвикани од верска нетрпеливост. Поддршка за ЕУ во борбата против тероризмот и од претседателските кандидати на САД Доналд Трамп и Џо Бајден.
Маја Стојаноска- Филдишев
