(ДОБРО)СОСЕДСТВО

За Бугарија сѐ уште е неприфатлива македонската преговарачка рамка

03.11.2020 12:58

По петчасовните разговори во Берлин, за Бугарија сѐ уште е неприфатлива македонската преговарачка рамка. Според Захариева, двете понуди на Скопје не биле доволно добри за барањата на Софија. Македонското МНР засега без коментар по средбата во Берлин...

„Сè уште не сме во можност да ја одобриме преговарачката рамка за преговори за Северна Македонија. Не можеме да замижуваме и да не забележуваме дека има проблеми во спроведувањето на Договорот за добрососедство“, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, по вчерашната средбата во Берлин со нејзиниот македонски колега Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.

Целта на разговорите била да се најдат начини за приближување на позициите на Скопје и Софија и да се овозможи почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во рамки на германското претседателство.

„Едноставно треба да се запазат добрососедските односи со Бугарија. За жал гледаме трајно и систематско непочитување на Договорот, а тука не зборувам само за историската комисија. Имаме забелешки и на имплементација и понатамошниот напредок на важни инфраструктурни проекти како што е Коридорот 8. Постојат случаи кои создаваат административни бариери за бугарските инвеститори, како и неподготвеноста на Северна Македонија да се придржува до јазичната формула во договорот“, изјави Захариева.

Според изјавата на Захариева за бугарските медиуми, имало две понуди од македонска страна околу решението за јазикот и ниту една не била доволна за Софија. Бугарија, исто така, бара Македонија да не го покренува прашањето за малцинството во меѓународни организации. Се разговарало и за употребата на скратеното име- Северна Македонија.

Сепак, шефицата на бугарската дипломатија Захариева, рече дека на разговорите постигнат е извесен напредок.

„Сè уште имаме шанса да се договориме за рамка за преговори. Не станува збор за оспорување на реалноста, туку за одразување во реалноста во предизвикот на историската вистина, што се рефлектира дури и во тврдењата за малцинството“смета Захариева.

Димитров, Османи и Захариева беа повикани во Берлин на разговори од германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и министерот за Европа, Михаил Рот.

Од страна на македонското МНР сѐ уште нема информација за текот на средбите.

 

Марина Стојанова- Тонева