Филипче: Аплициравме за вакцини против Ковид-19, очекувањата се дека ќе бидат достапни на почетокот на следната година
Очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Филипче изјави дека има понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата.

Македонија аплицирала преку Ковакс- системот за вакцини против Ковид-19, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Станува збор за систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација којшто овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам.
„Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам и тоа е едниот начин за пристап до вакцината. Еве последните информации се дека во крајните фази од истражување е т.н. Оксфордска вакцина на компанијата Астра Зеника. Ние аплициравме преку Ковакс механизмот, како и сите други земји во регионот за вакцини за 20 проценти од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата“, изјави Филипче.
Очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Филипче изјави дека има понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата.
„Полска ни пристапи и ни понуди да одредена количина ни препродадат од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година“, потенцираше Филипче и објасни дека вакцината нема да биде задолжителна бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака.
