ИЈЗ: Изминатата недела 5.800 нови позитивни на Ковид-19, 70% повеќе во однос на претходната

03.11.2020 15:37

Тестирани се вкупно 17.299 материјали во лабораториите од кои една третина се позитивни. Тоа е за 23,6% повеќе од претходната недела. 46% од регистрираните заразени се од Скопје.

Во периодот од 26 октомври до 1 ноември регистрирани се 5.800 нови позитивни случаи на Ковид- 19 од 35 градови, што е зголемување за 70,1% во однос на претходната недела, се наведува во денеска објавениот извештај на Институтот за јавно здравје.

Тестирани се вкупно 17.299 материјали во лабораториите од кои една третина се позитивни. Тоа е за 23,6% повеќе од претходната недела. 46% од регистрираните заразени се од Скопје.

Најмногу од позитивните (22,1%) се на возраст од 30-39 години и оние над 60 години (20,2%). Возрасната група од 40-49 години е застапена со 18,2%, од 50-59 години со 14,9% , од 10-19 години се 4,2%, а најмалку, односно 1,6% биле деца до 9 години. Според полот 51,8% се мажи и 48,2% жени.

Оздравеле 2.262 лица, за 696 повеќе од претходната недела. Починале 88 лица од 21 град, што е за 4,8% повеќе во однос на претходната недела. 70 биле на возраст над 60 години.

Соња Стојановска