Охрид: Поради зголемениот број на заразени состојбата е алармантна
Состојбата со коронавирусот во Охрид е сложена. Бројот на заразени и заболени постојано се зголемува поради што покрај во инфективното, пациентите се сместени во уште три одделенија кои беа испразнети за таа намена. Од општата болница во Охрид уверуваат дека ќе сторат сѐ да бидат примени сите пациенти кои имаат потреба од хоспитализација...

Моменталната состојба во општина Охрид е алармантна бидеќи коронавирусот е широкораспространет и постојано се зголемува бројот на заразени и заболени граѓани. Во Општата болница се хоспитализирани 70 лица, а покрај во инфективното одделение тие се сместени во одделите за геријатрија, интерни и хируршки болести кои беа испразнети во текот на изминатиот месец. Сложената состојба наложи да започне да се иселува и дел од нервното одделение за дополнителнои да се зголемат капацитетите.
„Болницата со ротации е подготвена да прими уште пациенти. Се надеваме дека ќе можеме да се справиме со целата оваа пандемија. Ниту еден пациент од Охрид не смее да остане, да не го хоспитализираме ако е за хоспитализација. Се надевам дека еден дел од пациентите ќе биде во подобра пшта состојба и дека еден дел позитивни ќе можеме да ги отпуштиме на домашно лекување“, изјави д-р Горан Балевски, директор на Општа болница- Охрид.
Поради ваквата состојба бројот на тестирањата во Центарот за јавно здравје постојано се зголемува. Од таму велат дека дел од граѓаните се однесуваат неодговорно.
„Кога би ги почитувале мерките не би имале толкава бројка на заразени секојдневно во Охрид и целата држава. Мерките не се почитуваат од одреден број на луѓе, дури имаме луѓе кои доаѓаат на тестирање за ковид без маска. Имаме такви случаи што ги среќаваме и овде секојдневно“, вели Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје-Охрид.
Иако засега лекарските тимови функционираат беспрекорно од општата болница очекуваат поголема одговорност од граѓаните, бидеќи простор за болните може да се обезбеди, но доколку дојде до исцрпеност на медицинскиот персонал нема кој да го замени.
Сашо Нелоски
