Нови мерки

Угостителските објекти ќе работат до 21 часот, забрането групирање на јавен простор

03.11.2020 16:29

Угостителските објекти од утре ќе се затвораат во 21 часот, потоа е забрането групирање на јавен простор на повеќе од четири лица. Нови мерки на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. За само една недела починале88 лица, за 70 насто се зголемила бројката новозаболени во државава...

Кафе баровите и рестораните ќе затвораат во 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна – владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за скратување на работното време на угостителите. Одлуката ќе важи и за угостителските објекти на бензиските станици. Поради лошата епидемиолошка состојба во земјава, после 21 часот се забранува групирање на повеќе од четири лица на јавен простор, се препорачува да нема движења освен за неопходни потреби. Граѓаните поделени во ставовите, колку мерките ќе дадат резултат за заштита од вирусот.

„И во 15 часот да затворат не помага ништо.“

„Не верувам дека ќе помогне, од причина што и самото движење на луѓето во вечерните часови е доста намалено. Еве лично јас веќе не се движам.“

„Треба воопшто да не работат за да се постигне нешто.

„Веројатно ќе придонесе ако младите помалку да се шетаат.“

„Сите забави и сѐ што се прави е подоцна, а вака кога ќе биде поскратено е веќе друго“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

За само една недела починале 88 лица. Биле регистрирани 5.800 новозаболени со ковид во 35 градови во земјава што е за 70,1 процент споредбено со претходната седмица- стои во билтенот на Институтот за јавно здравје. Процентот на заразени во однос на тестирани изнесува 33,5.

Во земјава повеќе од 1.000 пациенти ја загубија битката со коронавирусот. Активни се околу 11 илјади случаи - болниците се речиси исполнети. Надлежните велат - мерките ги димензионираат согласно слободните капацитети за хоспитализација на болните со ковид-19.

За поголема заштита од населението од коронавирусот пред една недела и носењето маска на отворено стана задолжително за граѓаните.

 

Андријана Атанасовска