САД: Броењето гласови е во тек, резултатот неизвесен
Оваа година поради пандемијата со коронавирусот огромен број избирачи гласаа однапред по пошта, поради што броењето на тие гласови би можело да трае со денови.
Иако избирачките места во САД се затворени, ниту Доналд Трамп, ниту Џо Бајден не можат да прогласат изборна победа. Оваа година поради пандемијата со коронавирусот огромен број избирачи гласаа однапред по пошта, поради што броењето на тие гласови би можело да трае со денови.
Доналд Трамп прогласи голема победа на претседателските избори и на Твитер ги обвини противниците дека сакаат да му ја украдат. Побара од Врховниот суд да се вмеша во изборниот процес.
„Ова е измама врз американската јавност. Ова е срам за нашата земја. Се подготвувавме да ги добиеме овие избори. Искрено, ние победивме на овие избори. Ќе се обратиме до Врховниот суд. Сакаме гласањето да престане. Не сакаме да најдат ливчиња во 4 часот изутрина и да ги додадат во списоците“, изјави Трамп.
Демократот Бајден изјави дека е на патот кон победата. Тој славеше во 20 сојузни држави, вклучително и Калифорнија, каде што освои 55 електорски гласови.
„Знаевме дека ова ќе се оддолжи. Ќе се оддолжи до утре, можеби и подолго од тоа. Но, се чувствуваме добро во врска со тоа каде сме. Ви кажувам, веруваме дека сме на добар пат да ги добиеме овие избори“, рече Бајден.
Сојузните држави почнаа да ги објавуваат резултатите од гласањето според кои Трамп котира многу подобро од она што го предвидуваа предизборните анкети. Актуелниот претседател досега освои 23 сојузни држави, вклучувајќи ја и Флорида, која се смета за една од клучните за исходот на изборите, бидејќи носи дури 38 електорски гласови. Тој води во клучните држави Џорџија, Северна Каролина, Пенсилванија и во Мичиген, но сѐ уште треба да се пребројат гласовите по пошта. За победа на двајцата кандидати им се потребни 270 електорски гласови. Поради тоа, целиот фокус е на држвите кои носат најголем број електори.
Во меѓувреме, медиумите известија дека голем број демонстранти се собираат околу Белата куќа. Во пресрет на изборната ноќ и пресрет на можни немири, продавниците, рестораните и кафулињата во Вашингтон ги заштитија своите излози и врати со дрвени конструкции и метални шипки.
Марина Ристова
