Куманово: Оздравените заинтересирани за донирање крвна плазма
Оздравените од коронавирусот од Куманово се заинтересирани за дарување крвна плазма, за лицата кои што се борат со невидливиот непријател. Досега 28 пациенти донирале плазма, со надеж дека ќе им ја олесни борбата на критично заболените.

Кумановци кои го одлежале вирусот сакаат да помогнат со дарување на крвна плазма, за лицата кои што се борат со невидливиот непријател. Од Инстутитот за трансфузиона медицина Куманово информираат дека досега 28 пациенти веќе донирале плазма, со надеж дека ќе им ја олесни борбата на критично заболените. Од институтот укажуваат дека додека да пристигнат вакцините, единствен начин да им се помогне на пациентите е конвалесцентната плазма.
„Процедурата е многу едноставна, плазма фереза се прави во Скопје, целокупната процедура трае од 40 до 60 минути, а се зема од организмот 300 до 600 милилитри плазма, останатиот дел од крвта се враќа кај дарителот тоа се прави во специјален сепаратор, и плазмата за кратко време во рок од 24 часа може да се компензира од страна на организмот“, вели Дритон Билали, доктор на Институт за трансфузиона медицина Куманово.
Крвната плазма можат да ја донираат лицата кои оздравеле од коронавирусот, и кои имаат доволно антитела, за да им се помогне на оние чиј организам не може сам да ги развие.
„Пред донирањето, 21 ден да се излекувани целосно од симптомите. Треба да се направи пак ПСР тест дека се негативни и се прават други анализи, се земат епруветите и се носат во лабораторија во Скопје. Тука спаѓаат крвната група, биохемиска анализа, трансмисивните болести“, нагласува Билали.
Од Институтот за трансфуиона медицина укажуваат дека во моментов располагаат и со доволен број на крвни единици.
Елена Георгиевска
