Собрание

Комисијата за надворешна политика не расправаше за бугарскиот меморандум

04.11.2020 14:33

Пратениците од владејачкото мнозинство не присуствуваа на Комисијата за надворешна политика, што ја свика претседателот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија бара дебата за позициите на официјална Софија за македонските евроинтеграции. „Ова е доказ дека СДСМ не сака да се изгради национален став за ова прашање кое е всушност притисок, несвојствен за европските вредности“, посочи Милошоски. „Нема потреба за дебата за нешто што е факт – македонскиот јазик и идентитет постојат“, велат од СДСМ...

Пратениците не се успеаја да ги усогласат ставовите по условите што Бугарија ги поставува за земјава за почеток на преговорите со Европската унија. Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, на закажаната расправа сакаше да предложи усвојување на резолуција со која се осудува меморандумот што Софија го достави до ЕУ со услови за одобрување на Преговарачката рамка. Но, обидот беше неуспешен оти пратениците од владеачкото мнозинство не дојдоа на седницата на комисијата. Иако поканети, не дојдоа ниту министерот за надворешни Османи и вицепремиерот за европски прашања Димитров.

Опозиционерите обвинија дека за разговорите со Софија повеќе дознаваат од изјавите на бугарските политичари отколку од домашните.

Од СДСМ велат дека идентитетот и јазикот се факти и за нив не се дискутира па поради тоа немало потреба да се присуствува на комисиската седница.

И членовите на Комисијата за надворешни работи од ДУИ и од Беса сметаат дека самопределувањето на идентитетот и јазикот се неприкосновени права за кои не се дебатира.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи Милошоски најави дека повторно ќе закаже седница. Рече дека ако вицпремиерот Димитров и министерот Османи и тогаш не дојдат, ќе се покрене иницијатива за интерпелација за нивната работа.

 

Ирина Гелевска