Ковид-19 зема замав и во помалите општини

04.11.2020 16:58

Корона вирусот значително се шири и во помалите општини. До пред една седмица во Општина Пробиштип бројот на новозаболени се броеја од еден до тројца дневно, но од пред пет дена, бројот на новодијагностицирани на дневна основа стана двоцифрен. Состојбата е алармантна, вели првиот човек на Пробиштип, кој од денес е со позитивен корона тест...

Од минатата недела Општина Пробиштип се соочува со сериозен пораст на позитивни на корона вирус. 77 лица во моментот се заболени, што за општина од околу осум илјади жители е сериозна цифра. Уште позагрижувачки е податокот дека најголем број од заболените се на возраст од околу 40 години.

Од денес со позитивен тест на Ковид- 19 е и градоначалникот на Пробиштип. Вели дека и покрај тоа што ги почитувал мерките, се заразил. Од општинската администрација во изолација или на боледување се уште седум лица, но тоа не се одразува на тековната работа на локалната власт каде од оваа недела се работи сменски.

Ковид статистиката за Пробиштип вели дека од почетокот на пандемијата позитивни се 214 лица, четворица починале, 77 се актвни случаи и над 179 лица се во изолација.

Славица Величковска