Расте бројот на заболени од Ковид-19, да се почитуваат мерките за заштита
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 35.097. Досега оздравеле 22 .024, а починале 1.071 лице. Во моментов во земјава се активни 12.002 лица...

Нови 1.192 позитивни случаи на Ковид-19 во последните 24 часа, од направени 3. 211 тестирања, информира Министерството за здравство. Починаа 22 лица, од нив, еден е починат вон, а преостанатите во болнички услови. И натаму, најголемиот број од новозаболените се од Скопје. Институтот за јавно здравје регистрира и 359 оздравени.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 35.097. Досега оздравеле 22 .024, а починале 1.071 лице. Во моментов во земјава се активни 12.002 лица.
Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Сите државни лаборатори располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање.
Сите интерни клиники во рамки на Клиничкиот центар, како што информираа од Министерството за здравство, се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа. Обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е подготвен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се со Ковид.
Во Институтот за белодробни заболувања веќе има ковид пациенти, а на располагање се и останатите интерни клиники. Дополнително околу 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните клиники со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа, посочуваат од Министерството.
Во рамки на напорите за спречување на ширењето на Ковид-19, Владата донесе нови мерки меѓу кои се и тие кои се однесуваат на скратување на работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна.
