Поднесени кривични пријави за злоупотребите во ДИК

05.11.2020 12:35

МВР поднесе до Обвинителството кривична пријава против четворица членови на ДИК и еден управител на правно лице. Осомничени се за злоупотреби со јавна набавка на софтвер за изборите...

МВР до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четворица членови на Државната изборна комисија и против еден управител и сопственик на правно лице. Осомничени се за злоупотреба на службената положба и овластување при јавната набавка за софтверот што падна на денот на изборите на 15-ти јули.

Како што информираат МВР и Обвинителството, осомничените во периодот од февруари до септември годинава ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки, со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на понудите, ниту, пак, било објавено известување за поништување на постапката за доделување на договорот за јавна набавка во предвидениот законски рок.

Исто така, не бил извршен ниту тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран во ДИК. Изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата.

Надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд поднел предлог за изрекување мерки на претпазливоста поради непречено водење на кривичната постапка.