Маричиќ: Судските такси намалени, правдата подостапна за граѓаните
Правдата станува подостапна за граѓаните преку намалување на трошоците што ги имаат во судовите. На сила стапува Законот за изменување и дополнивање на законот за судски такси...

Правдата станува подостапна за граѓаните преку намалување на трошоците што ги имаат во судовите. На сила стапува Законот за изменување и дополнивање на законот за судски такси. Од ресорот за правда велат дека и во наредниот период ќе продолжат да работат на правда достапна за секого и правна држава во која сите ќе бидат еднакви пред законите.
Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.
Свесни бевме, додаде тој, дека судските такси беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците. Тоа сега се надевам ќе се промени, бидејќи правдата станува подостапна за сите, рече Маричиќ.
