Продолжува собраниската расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде нов судија во Уставниот суд

05.11.2020 13:44

Кацарска за уставен судија ја предложи Судскиот совет, на крајот на септември. Таа треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен.

Собранието денеска ја продолжува расправата за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Кацарска за уставен судија ја предложи Судскиот совет, на крајот на септември. Таа треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен.

За предлогот дискутираше пратеникот Бране Петрушевски, кој рече дека Кацарска е контроверзна личност, која со оваа функција во Уставниот суд се наградува поради нејзината послушност во извршување на наредбите од власта. Тоа што претседателот на Судскиот совет Кире Здравев не го образложил предлогот, рече тој, говори дека се срами од она што го предлага Судскиот совет.

На оваа дискусија реплицираше пратеникот Мартин Костовски од СДСМ, кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку има право да зборува за независно судство, откако цела јавност можела да чуе како се договарале и издавале наредби за судски пресуди. За време на неговата дискусија опозициските пратеници упатуваа свирежи, како и во текот на вчерашниот ден, кога излегоа и со транспарент „Кацарска извршител на мафијата”.

На дневен ред на оваа 20. седница се измените на Законот за приватно обезбедување, измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар, измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, сите во прво читање.