Бајден на прагот на Белата куќа, Трамп не ги признава резултатите
Серија инциденти на изборниот ден во САД. Неизвеснота кај симпатизерите на Трамп и Бајден премина во нетрпеливост и насилство во делови од земјата...

Голема неизвесност и рекордна излезност на годинашните претседателски избори во САД. Според последните податоци, републиканците веројатно заминуваат од Белата куќа. Демократот Џо Бајден е поблиску до потребните 270 електори за победа во однос на актуелниот американски лидер Доналд Трамп кој се бори за втор мандат. Републиканскиот штаб поднесе тужба во неколку држави барајќи да запре пребројувањето на гласовите или да се повтори процесот. Симпатизерите на двете страни веќе излегоа на улиците. Дел од собирите прераснаа и во протести. Во неколку сојузни држави се придружи и движењето против расизмот. Мобилизирани се и припадниците на Националната гарда.
„Доста ми е насилство. Доста ми е што морам да бидам и Латиноамериканец и Американец и да ме третираат како граѓанин од втор ред. Изборите ќе сменат некои работи. Но до одредена мера. Мислам дека луѓето мора да сменат некои работи.“
„Кој и да победи, повторно ќе убива Афроамериканци, не е важно дали ќе победи Трамп или Бајден. Некои и натаму ќе вперуваат оружје кон Афроамериканците бидејќи се плашат од нивната боја.“
„Дојдовме на мирен протест зашто не сакаме да живееме во Америка каква што сака Трамп, сакаме да победи Бајден и со нетрпение го очекуваме тоа, се надеваме на тоа. На улица сме зашто сакаме праведност за сите. Секој да ги има истите права и можности.“
„Не го следат законот. Според законот, секој одбор овде мора да им по еден републиканец и еден демократ. Цел ден не видовме ниеден републиканец. Постојано ги прашуваме зошто. Каде се?“, вели адвокат на републиканците, во Детроит, Мичиген.
По ажурирањето на податоците од Невада, Џорџија и Аризона се очекува да биде познат конечниот победник во трката за Белата куќа. Американските избори се следат со големо внимание на глобално ниво.
„Кој и да победи, Европа нема да се врати на претходната ситуација, на добрите времиња на трансатлантски односи. Светот се смени во последните 4 години. Европа веќе не е наивна и се обидува да стане независна сила, а не да се потпира на поддршката на САД“, изјави Жан ив ле Дриан, министер за надворешни работи на Франција.
„Секогаш ги осудуваме и отфрламе лекциите за демократија од САД. Или соопштенијата на Стејт департментот во кои се вели: во таа земја не ги признаваме изборите, во таа земја не ни се допаѓаат изборите. Зошто? Секоја мора да има своја форма на влада, политички систем, сама да се справува со внатрешните проблеми“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
„Кина и САД имаат разлики, но имаат и заеднички интереси и простор за соработка. За да се одржи и унапреди развојот на овие релации е во суштината на нашите основни интереси. Тоа е заедничка цел на меѓународната заедница“, изјави Ле Јученг, заменик- министер за надворешни работи на Кина.
Американците го бираат 46 –тиот претседател.
Маја С. Филдишев
