Од денеска судските такси значително намалени
Правдата станува подостапна за граѓаните преку намалување на трошоците што ги имаат во судовите. На сила стапува Законот за изменување и дополнивање на законот за судски такси...

Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари во зависност од вредноста на спорот. Судската такса намалена до осум пати, како и поднесувањето жалба, до 36 илјади денари.
„Ако се тужи осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од три милиони денари, судската такса која треба да се плати е два отсто од вредноста на спорот. Значи, во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го даде максималниот изност од 48.000 денари. Сега според донесените измени давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку“, изјави министерот Маричиќ.
Министерот додаде дека во моментов законската рамка не овозможува онлајн судења. Според него, ова е прашање коешто е сложено и бара дебата, зашто само еден министер или влада не може да го реши овој проблем. Додаде дека доколку се определиме за онлајн судења како концепт државата ќе помогне со средства за опремување на судовите.
Од ВМРО- ДПМНЕ сметаат дека Маричиќ ги менува ставовите во зависност од потребата.
„Маричиќ денес вели нема законска рамка за онлајн судења. А во пораката за Европскиот ден на правото, вели- за време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, стои во соопштението на ВМРО- ДПМНЕ.
Министерот за правда ги осуди нападите кон медиумите и новинарите. Следува, вели, зајакната регулатива за заштита на новинарите и медиумските работници.
Ана Јосифоска- Тодоровска
