ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на изборите во Штип и Пласница, за СДСМ барањето е неприфатливо
ВМРО-ДПМНЕ бара да се одложат предвремените избори за градоначалници во Штип и Пласница, закажани за 13-ти декември поради високите бројки на заразени и починати од Ковид-19. За СДСМ барањето е неприфатливо и е исклучиво во насока на зачувување на фотељата на Мицкоски во партијата...

Владеачките Социјалдемократи не размислуваат за одложување на предвремените локални избори закажани за декември во Штип и Пласница. Велат ќе бидат 100 насто безбедни. Веќе го избраа кандидатот за градоначалничките избори. Барањето на опозицијата за одложување на изборите во СДСМ го коментираат како обид на Мицкоски да ја задржи партиската фотеља.
Токму поради ковид пандемијата инсистираме на одложување на локалните избори во Штип и во Пласница и очекуваме СДСМ и Заев да се разумни, коментираат во опозициската ВМРО- ДПМНЕ. Не ја исклучуваат можноста барањето да го достават до спикерот Џафери.
Во ДИК велат, течат роковите за изборниот процес во декември. Краен рок за поднесување на кандидатурите за предвремените избори во Штип и во Пласница е в сабота, 7-ми ноември.
Миле Ристески
