Ќе се реконструира театарот во Куманово

05.11.2020 14:54

Ќе се реконструира кумановскиот народен театар. Завршен е проектот за санацијата, а очекувањата на надлежните се реконструкцијата да започне во првата половина од наредната година. Интервенцијата на објектот кој е изграден во 60-тите години ќе се реализира во фази. Министерството за култура за првата фаза ќе одвои 10 милиони денари...

Наредната година ќе се реновира кумановскиот театар, информираат надлежните од националната установа Центар за култура, „Трајко Прокопиев“. Проектот за санација на зградата е завршен, а реконструцијата ќе се спроведува во фази. Очекувањата се интервенцијата на гледалиштето и сцената, да започне во првата половина од наредната година, а подоцна ќе се работи и на кровната конструкција.

„Од страна на ревидентите на проектот, градежниот институт на Македонија дадено е позитивно мислење за проектот и следни фази кои треба да се направат е добивање на градежна дозвола од Министрество за транспорт и врски и можно дополнително испитување на целиот објект заедно со училиштата пред  започнување на градежните работи бидејќи објектот на Театар Куманово се наоѓа помеѓу две училишни згради“, истакна директорот на Театар Куманово,  Сашо Тодоровски.

Надлежните од кумановскиот театар, како и вработените изминативе години постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден во 60-те години, а од тогаш само неколкупати бил реновиран. И кумановци како големи љубители на театарската уметност, за што зборува и фестивалот Денови на комедија, бара нов или реконструиран театар.

„Зградата на Театар Куманово со години се наоѓа во незавидна состојба за изведба на уметничките дела но и покрај тоа како театар имаме успешна програма, изведби на претстави, многубројна публика и посветени луѓе кои се вработени во театарот. Затоа очекуваме со овој проект кој е сработен на високо и професионално ниво, постепено ќе започне театарот да го враќа стариот сјај“, нагласи Тодоровски.

Министерството за култура за првата фаза за изведба на проектот за кумановскиот театар ќе одвои 10 милиони денари.

 

Елена Георгиевска