Евроинтеграции

Бисел пред одлука за преговарачката рамка

05.11.2020 16:36

Брисел е пред одлука за преговарачката рамка на Македонија и отворањето на поглавјата. Шефот на дипломатијата Османи ги повика европските пријатели да не ја испуштат шансата, но за тоа повторно од Софија пристигна негативен став. Германија тврди дека прашањето е билатерално, но сепак во Унијата се решава со консензус...

Утре амбасадорите на Европската унија во Брисел треба да ја утврдат конечната верзија на преговарачката рамка за можното македонско отворање на преговорите во декември годинава. До европските пријатели шефот на дипломатијата ја искористи можноста за да порача:

„Ги повикувам нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака извонредно како што започна. Посакувам нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција и заеднички да ги уживаме придобивките од политичката, економската и социјалната трансформација на регионот“, нагласи шефот на дипломатијата Османи.

Еврокомесарот за проширување Вархеји со став, изминатава година се вложени напори и претходно беше обезбедена согласноста од сите земји членки за отворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

„Ние сме убедени дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Тоа е наш заеднички интерес. Врз основа на новата методологија за проширување успеавме да обезбедиме согласност во Европскиот совет од сите земји членки, и тоа е уште еден камен темелник што ќе биде ставен на масата од оваа комисија“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Според бугарската вицепремиерка Захариева, Договорот за добрососедство не се спроведува, и Македонија не ја признава историската вистина. Затоа, во изјава за бугарски медиуми вицепремиерката тврди дека бугарскиот врв се согласил да не одобри почеток на преговорите додека не бидат решени отворените прашања.

Германија, претседавачот со Унијата, е за отворање на преговорите во декември, за што, како заедничка цел било дискутирано на телефонскиот разговор меѓу премиерот Заев и германската канцеларка Меркел. Според македонскиот премиер тоа е шанса која не треба да биде пропуштена.

 

Марина Стојанова- Тонева