Македонија добива модерен здравствен систем

14.03.2014 15:42

Со инвестиции од 200 милиони евра, Македонија полека но сигурно чекори кон современ здравствен систем...

Нова страница за македонското здравство. Изградба на капитални објекти и реконструкција на речиси се што беше запоставено со години. Заедно со новата опрема,  реорганизација на функционирањето и инвестициите во стручна надградба на лекарите, го искачува повисоко на европската скала.

Свеж ветар донесоа 120-те милиони евра за изградба и реконструкција на речиси сите здравствени објекти. Во 2013 се почнати  50-тина  проекти во вредност од милијарда и пол милион денари. Дел се завршени, другите се во тек. Најголемата болница во која се лекуваат над 1 милион Македонци, доби инфузија од над 3 милиони евра за реконструкција и  7 милиони за опрема.

„Во оваа фаза се реновирани сите одделенија во болничкиот дел, и сега во втора фаза е реконструкцијата на дежурната служба односно новиот ургентен центар“, вели директорот на ГОБ 8-ми септември, проф. д-р Сашо Стојчев.

Охрид доби нова современа и комплетно опремена  болница за која се потрошени 4,2 милиони евра. Македонскиот Шварцвалд, специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза Јасеново кај Велес, прв пат реновирана по 60 години од постоењето. Со 2 милиона евра однадвор и внатре е реновирана Детската клиника која доби и нов ургентен центар.

Од стари и дотраени бараки, Институтот за белодробни заболувања Козле за неколку месеци ќе прерасне во современа елитна европска болница за грижа за детското здравје.

„Се работи за инвестиција од 7 милиони евра што ќе биде  големо задоволство и за пациентите и за вработените,кои што со години работеа во услови кои што оддалеку не ги задоволуваа стандардите за болничко лекување“, рече проф. д-р Оливер Зафировски,  директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле.

Единствениот Геронтолошки завод беше обновен со милион евра. Одделни реконструкции претрпеа речиси сите здравствени домови и болници. Кичево ќе добие современа болница со преадаптација на недовршениот објект. Во Скопје почна изградба на ПЕТ скен центарот вреден 12 милиони евра што ќе служи за откривање на болните од рак во најрана фаза. Штип ќе добие нова Клиничка болница што ќе чини 34 милиони евра.

Најголема инвестиција од над 100 милиони евра е новиот објект на Клиничкиот центар за кој почна расчистувањето на местото на старата гинекологија.

 

Соња Стојановска