Трамп: Со измама се обидуваат да ми го одземат вториот мандат

06.11.2020 10:14

Во салата за брифинг во Белата куќа американскиот претседател изнесе неколку обвинувања за измама, по што трите водечки американски ТВ мрежи го прекинаа преносот во живо.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека со измама се обидуваат да му го одземат вториот мандат. Во салата за брифинг во Белата куќа американскиот претседател изнесе неколку обвинувања за измама, по што трите водечки американски ТВ мрежи го прекинаа преносот во живо. Претседателот Трамп ги обвини демократите за обид за крадење на изборите и дека републиканците не смеат да го набљудуваат пребројувањето на гласовите.

„Ако ги броите легалните гласови, јас лесно победувам, ако ги броите нелегалните гласови, може да се обидете да ги украдете изборите од нас. Нашата цел е да го браниме интегритетот на изборите, нема да дозволиме корупцијата да ги зафати изборите не можеме да дозволиме никој да ги замолчи нашите гласачи и да ги промени резултатите“, рече Трамп.

Меѓудругото, претседателот, ги обвини „лажните анкети“ пред изборите на трети ноември, за кои тврди дека биле искористени за да ги задржат неговите приврзаници дома. Во меѓувреме продолжува пребројувањето на гласовите. Пенсилванија ветува пребројување на најголем број од гласачките ливчиња во текот на денот, во Џорџија сѐ уште се брои.