Филипче: Трансплантацијата е зрак на надeж за пациентите, нивните семејства и општеството

06.11.2020 10:22

Министерот за здравство Филипче вчера учествуваше на панел дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, во организација на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.

Министерот за здравство Филипче вчера учествуваше на панел дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, во организација на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Целта на панел дискусијата е подигнување на јавната свест за дарување на органи и развој на трансплантацијата во нашата држава. Покрај претседателот и првата дама присуствуваше и Националниот координатор за трансплнатација на органи и ткива доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, како и координаторите за трансплантација на сите тимови.

Министерот Филипче истакна дека трансплантацијата е сфера која секогаш носи предизвици, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, а подигнувањето на јавната свест за органодонорство е можна само преку отворен пристап, преку споделување на информации, како и со споделување на успешните приказни.

„Трансплантацијата е зрак на надеж не само за пациентите, туку и за семејствата на пациентите, за нивните пријатели, но и за општеството“, рече министерот Филипче.

Според д-р Маја Мојсова Мијовска, органодарителството е општо прифатена и успешна метода на лечење, што го продолжува животот, го подобрува неговиот квалитет и е економски исплатлива, бидејќи, како што нагласи, чини многу помалку од сите други методи на одржување во живот на пациентите.

Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот, д-р Ѓоргиевска истакна дека во исклучително тешки услови, кога фокусот на македонскиот здравствен систем е насочен во борбата со пандемијата на КОВИД-19, во нашата земја годинава за првпат беше изведена трансплатација на срце, a се извршија и десет трансплантации на бубрези.

„Се разбира, предизвиците што доаѓаат со органодарителството и со трансплантацијата се навистина огромни, дури и за системи коишто се далеку посовршени од нашето здравство, но знаењето, подготвеноста, капацитетите и, пред се, она што е најважно, ентузијазмот на сите оние коишто се вклучени во самиот процес, верувам дека и понатаму ќе резултираат со успех“, рече Ѓоргиевска.