Здравство

Расте бројот на заразени со Ковид-19

06.11.2020 10:31

Нов рекорд на заразени со Ковид-19 за еден ден. 1.275 нови случаи, од направен 3.331 тест, односно 38 насто се позитивни. Скопје, повторно на врвот, со 519 новозаразени. Битката со вирусот ја загубија 13 лица...

Нов рекорд на заразени со Ковид-19 за еден ден. 1.275 нови случаи, од направен 3.331 тест, односно 38 насто се позитивни. Скопје, повторно на врвот, со 519 новозаразени. Битката со вирусот ја загубија 13 лица. Четворица од Прилеп и по еден од Скопје, Штип, Тетово, Струга, Битола, Охрид, Струмица, Кочани и еден пациент од Берово, на возраст од 31 до 87 години. Еден починал вон, а другите во болнички услови.

Институтот за јавно здравје регистрира 502 оздравени пациенти. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 36.372. Починаа 1.084, а како оздравени се водат 22.526 пациенти. Активни случаи има 12.762. Во болниците се сместени 888 пациенти со Ковид-19.

Капацитетите се исполнети, медицинскиот персонал работи под притисок. Здравство, го вклучи алармот. Ангажиран и дел од Армијата. И интерните клиники ќе се пренаменуваат во ковид- центри. Само деветмина од 56 приватни интернисти доброволно прифатиле да им помогнат на нивните колеги.

Новите мерки на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 се активни. Задолжително треба да се носат маски. Носењето маска на отворено има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.

Угостителските објекти работат до 21 часот. Забрането е групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот како и движење на јавен простор доколку граѓаните немаат важни и неопходни потреби. Се препорачува граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица што не живеат во иста заедница.