САД

Гласовите сѐ уште се бројат, Трамп обвинува за изборна измама

06.11.2020 13:33

Гласовите од претседателските избори во САД сѐ уште се бројат. Актуелниот претседател Трамп од Белата куќа се пожали дека изборите се наместени и победата му е украдена. Броењето на гласовите во клучните држави во корист на поранешниот потпретседател Џо Бајден...

Глорија Гарвин и Пол Дигинс од Пенсилванија со нетрпение и голема надеж ги следат резултатите од американските избори. 62-годишната пензионерка гласаше за Џо Бајден и смета дека земјата е во пресвртна точка. Пол пак, го избра Доналд Трамп и е загрижен. Вели дека е разочаран од начинот на спроведување на гласањето.

„Доналд Трамп ги сврте луѓето едни против други, тој не дели. Оваа земја е поделена, и мислам дека Бајден може да ги собере сите заедно. Црнци, белци, латиноамериканци...не станува збор само за животот на афроамериканците“, вели Гарвин.

„На некои места демократите запишаа двојно повеќе гласови од бројот на гласачи на списоците. Која е идејата, тие бројат мртви гласови? Имаше мамење! Доколу Камала Харис и Пелоси ја преземат власта, тогаш сите сме во неволја“, вели Дигинс.

Од спокојни симпатизери, до нетрпеливи луѓе на улиците. Американските граѓани се револтирани и час поскоро сакаат да дознаат во чии раце ќе биде нивната иднина. Воглавно, поддржувачите на Бајден сакаат да се пребројат сите гласови, меѓутоа и демонстраните наклонети на Трамп се залагаат за исто, но во државите во кои актуелниот претседател губи или заостанува.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека со измама се обидуваат да му го одземат вториот мандат. На брифинг во Белата куќа изнесе неколку обвинувања, по што трите водечки американски ТВ мрежи го прекинаа преносот во живо.

„Ако ги броите легалните гласови, јас лесно победувам, ако ги броите нелегалните гласови, може да се обидете да ги украдете изборите од нас. Нашата цел е да го браниме интегритетот на изборите, нема да дозволиме корупцијата да ги зафати изборите не можеме да дозволиме никој да ги замолчи нашите гласачи и да ги промени резултатите“, нагласи Трамп.

Демократот Џо Бајден не се сомнева дека ќе го победи републиканецот Трамп. Ги повика граѓаните да останат трпеливи.

„Во Америка, гласањето е свето. Секое гласачко ливче мора да се изброи и тоа е она што го правиме. Демократијата понекогаш е неуредна, понекогаш бара и малку трпеливост. Не се сомневаме дека кога ќе заврши пребројувањето, сенаторот Камала Харис и јас ќе бидеме прогласени за победници“, изјави Бајден.

Разликата меѓу двајцата претенденти за Белата куќа во клучните сојузни држави се намалува. И Доналд Трамп и Џо Бајден се приближија на помалку од еден насто во Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Невада и Аризона.

Маријана Димовска