Заев: Прва блокада од Бугарија, ова е непријатно чувство
„Ја имаме првата блокада од Бугарија. Ова е непријатно чувство“ – изјави премиерот Заев откако беше одложена одлуката за преговарачката рамка. Сепак, смета дека не треба да се прави драма и се нaдева дека на претстојните состаноци може да има приближување на ставовите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ мицкоски со став – ова е национална катастрофа. Предлага да се формира влада за национален спас...

Состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, каде требаше да се постигне согласност за преговарачката рамка со земјава и Албанија завршил со одлука за одложување за една недела, на 17-ти ноември. Од германското претседателство со Унијата објавија дека причина за одложувањето е што германскиот министер за Европа, Михаел Рот е позитивен на Ковид-19. Во меѓувреме, од Европската комисија со најава дека продолжуваат напорите на претседателот на комисијата, Урсула фон дер Лајен за официјален почеток на преговорите.
„На 13-ти ноември, претседателката ќе има видеоконфeренциска средба со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев“, најави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Пред министерскиот состанок во Брисел и видео средбата со првиот човек на Европската комисија, премиерот Заев изјави дека ја добивме првата блокада од Бугарија на евроинтеграцијата, и дека официјална Софија го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство, според кој нашиот источен сосед се обврза да не ја блокира евроатланската интеграција на земјава.
„Ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен тој член, ние ништо до сега не прекршиме. Ова е прво непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, а денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија, првиот чекор е блокиран. Членот два од Договорот за добрососедство вели дека Бугарија треба да нѐ поддржува кон патот за интеграција. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО, согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО. Среќен сум што ја имаме поддршката од страна на Германија“, изјави премиерот Заев.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека блокадата од Бугарија е национална катастрофа. Побараа влада на национален спас за излез од ситуацијата.
Актуелниот претседавач со Унијата, Германија предвидуваше усвојувањето на преговарачката рамка во ноември и одржување на првата меѓувладина конференција со земјава до крајот на годинава.
Ирина Гелевска
