Стефоска и Битиќи сѐ уште не поднеле анкетни листови
Членовите на владиниот кабинет, Битиќи и Стефоска сѐ уште не поднеле анкетни листови до Антикорупциска, иако рокот за исполнување на законската обврска е одамна поминат, информираа од комисијата. Антикорупционерите на онлајн седницата побараа да се почитуваат и материјалните закони при именувањето в.д. директори...

Министерката за култура Стефоска и вицепремиерот за економски прашања Битиќи сѐ уште не поднеле анкетни листови за имотната состојба откако стапија на функција во Владата, информираа од Антикорупциска. Анкетни листови за избор и за престанок на функција и изјава за судир на интереси не поднеле и дел од министрите од техничката влада. Рокот за исполнување на законската обврска е 30 дена и е одамна поминат, велат од Комисијата. Дадени се во натамошна постапка за издавање платни налози.
На седницата беше посочено дека Општина Лозово продолжува со именување и разрешување на директори на јавни претпријатија со непочитување на постапката предвидена со закон. Исто лице е именувано од градоначалникот двапати како в.д. директор на комуналното претпријатие. Антикорупционерите бараат да се предвидат прекршочни одредби и да се почитуваат материјалните закони.
На онлајн седницата беа разгледани и осум наводи од укажувачи. Најголем дел од нив се однесуваат на незаконски дејствија на одговорни лица во општините.
Сунчица Николоска
