Бајден избран за претседател, Харис прва жена потпретседател на САД
Џо Бајден ќе биде 46-от претседател на Соединетите Американски Држави. Повеќе светски медиуми, меѓу кои СИ-ЕН-ЕН, БИ-БИ-СИ и други објавија дека кандидатот на Демократите ја освоил неговата родна Пенсилванија, која му носи 20 електорски гласови, доволно за да го надмине прагот од потребните 270...

Џо Бајден ќе биде 46-от претседател на Соединетите Американски Држави. Повеќе светски медиуми, меѓу кои СИ-ЕН-ЕН, БИ-БИ-СИ и други објавија дека кандидатот на Демократите ја освоил неговата родна Пенсилванија, која му носи 20 електорски гласови, доволно за да го надмине прагот од потребните 270 на национално ниво.
Генерално, тој има освоено повеќе од четири милиони гласови повеќе од актуелниот шеф на Белата куќа, Доналд Трамп.
„Ќе бидам претседател на сите американци, ќе ја оправдам довербата која ми ја дадовте“, порача Бајден во првото обраќање по веста за победата.
Бајден е поранешен сенатор и служеше како потпретседател во времето на Обама. Тој на инаугурацијата на 20-ти јануари ќе има 78 години, со што ќе биде најстариот претседател во историјата на САД. Неговата партнерка во претседателската трка, Камала Харис, пак, ќе стане првата жена потпретседател на САД.
Победата на Бајден доаѓа на третиот ден од оддржувањето на изборите во вторникот, откако голем број клучни држави, како Џорџија, Пенсилванија, Невада и Аризона имаа толку тесен резултат што најголемите телевизии и новински агенции до крајот не се осмелуваа да прогнозираат кој ќе ја однесе победата.
