Федерер и Долгополов полуфиналисти во Индијан Велс!
Роџер Федерер и Олександр Долгополов ќе играат во полуфиналето на тенискиот мастерс од серијата 1000 во Индијан Велс.
Швајцарецот Федерер е во одлична форма и со освојувањето на Дубаи врза седум победи. Во своето прво мастерс четвртфинале Јужноафриканецот Кевин Андерсон беше рамноправен противник само во првиот сет во којшто имаше една брејк топка, но сепак го загуби со 7:5. Во вториот, „Федекс“ одигра фуриозно и го доби за 23 минути со убедливи 6:1. Во Индијан Велс, Федерер дојде како осморангиран, но од понеделник ќе биде петти на АТП листата. Швајцарецот има четири титули на калифорнискиот мастерс и во пресметката со Дологополов ќе влезе со победа во единствениот меѓусебен дуел од пред четири години во Базел.
Украинецот пак, до своето прво мастерс полуфинале стигна со импресивната игра и победа против десетиот носител, Канаѓанецот Милош Раониќ. По сигурните 6:3 во првиот сет, во вториот Долгополов губеше со 3:0, но со серија од четири гема го откажа индиспонираниот Раониќ. Канаѓанецот кој е познат по одличниот сервис имаше само четири аса. По Андреј Медведев 1997-та во Хамбург, 26-то рангираниот Долгополов е вториот Украинец што ќе игра мастерс полуфинале.
Втората двојка меѓу четворицата најдобри ќе ја состават победниците од дуелите Новак Ѓоковиќ од Србија против Жулиан Бенето од Франција (МРТ собраниски сервис 21.30) и Американецот Џон Иснер против Летонецот Ернест Гулбис.
Покрај Романката Симона Халеп и полската тенисерка Агњешка Радванска во другото женско полуфинале ќе играат На Ли од Кина и Италијанката Флавија Пенета.
Во реприза на финалето од Австралија Опен, Ли повторно ја совлада Доминика Цибилкова од Словачка, овојпат во интересен меч што траеше 2 часа и 36 минути и тоа со 6:3, 4:6 и 6:3. Дека и одговараат дуелите со Цибулкова, 32-годишната Ли потврди со шестиот триумф во исто толку меѓусебни дуели.
По уште еден долг меч од 2 часа и 26 минути, Пенета стана првата Италијанка што ќе игра во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс. 21-та на ВТА листата Пенета ја совлада 18-та Слоун Стивенс од САД со 6:4, 5:7 и 6:4 и влезе во 48-то полуфинале во кариерата.