Први пациенти на интерните клиники, притисокот врз здравствениот систем се зголемува
Неврологија ги прими првите пациенти заболени од Ковид-19. Притисокот врз здравствениот систем се зголемува, капацитетите зајакнати со 150 болнички кревети во интерните клиники....

Клиниката за неврологија ги згрижи првите пациенти со коронавирус. Тука ќе се лекуваат болни со средна до тешка клиничка слика. Неврологија и кожно ќе функционираат како еден центар, место има за 66 болни со ковид. Медицински пресонал, опрема и лекови има, но ако продолжи овој тренд на заболени од над илјада дневно, надлежните очекуваат капацитетите брзо да се исполнат.
„Имаме екипа од лекари од нашата клиника, медицинските сетсри излегоа најхрабри сите се пријавија, сите се ангажираа. И на нашата екипа од неврологија имаме на помош двајца пулмолози кои се активни при приемот и прегледот бидејќи се работи за пациенти кои најчесто имаат воспаление на белите дробови“, изјави д-р Иван Барбов – директор на Клиниката на неврологија.
Преглед на пациенти со невролошки заболувања ќе се врши во амбулантата, но оние кои имаат потреба од болнички третман, ќе бидат хоспитализирани на Клиниката за неврохирургија или болницата „8 Септември“.
Во меѓувреме за прием на болни со Ковид-19 се подготвуваат и другите оддели на интерните клиники. Ги испишуваат или ги праќаат пациентите за болничко лекување на други клиники.
Интерните клиники со болнички капацитет од 150 кревети се новите ковид – центри. Тука, веќе се згрижени првите пациенти со коронавирус. Според здравствените власти, нема да се наруши нормалното функционирање на овие клиники, односно системот Мој термин и понатаму ќе функционира.
Состојбата со коронавирусот е сериозна, болничките капациети се речиси полни, на Инфективна клиника нема веќе места. Во здравствените установи низ државата хоспитализирани се околу 900 пациенти, докторите велат во просек лувањето на оние со тешка клиничка слика трае околу 16 дена.
Андријана Атанасовска
