Реакции по блокадата од Бугарија
По рампата од Софија, опозицијата со обвинување дека актуелната гарнитура нема капацитет да ја води држававата. ВМРО-ДПМНЕ бара влада за национален спас. СДСМ одговара – Мицкоски и сопартијците одат контра интересите на граѓаните и на државата.

„Политика на Заев доживеа фијаско. Тој и сите останати во владата повеќе немаат капацитет да ја водат државата, потребно е да дадат оставки и да се формира влада за национален спас“- коментира опозициската ВМРО-ДПМНЕ по рампата на Бугарија на нашиот евроинтегративен пат. Според партијата, власта тргувала со идентитетот, историјата, со нашите емотивни поврзаности со историски моменти и личности.
На само три месеци по изборите, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски бараат вонредни избори, а бегаат од соочување на предвремени локални во Штип, реагираат од СДСМ. Според владејачката партија, Мицкоски е политичар кој нема став за најважните прашања.
„На Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ воопшто не им се битни граѓаните, не им е битна државата, а најмалку им е битна европската иднина на Република Северна Македонија. Само Мицкоки и ВМРО-ДПМНЕ единствени се радуваа на историската грешка на ЕУ за незапочнување на преговори, само тие единствени не честитаа на членството во НАТО“, велат од СДСМ.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Каракачанов во последната изјава вели дека Македонија се „однесува агресивно“, покажувајќи „очигледни претензии кон Бугарија – за малцинство, кражба на историјата, говор на омраза кон Бугарија. Владата во Скопје повеќе од три години се обидува да не го спроведува Договорот со Бугарија, вели Каракачанов.
Премиерот Заев оцени дека соседот го прекршил договорот за добрососедство, откако Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за земјава и нацрт-декларацијата, бидејќи не ги даваат потребните гаранции за исполнување на бугарските услови. Сепак, и покрај блокадата, официјална Софија смета дека и во овие кратки рокови може да се постигне решение. Топката се префрла на советот на министри, чиј состанок е презекажан за 17-ти месецов. За иднава недела, пак, е закажан самитот во Софија од Берлинскиот процес, кога е предвидена и средба Заев-Борисов.
Миле Ристески
