Славите носат ризик од ширење на заразата
Славите и празниците кои се пред нас носат ризик од ширење на заразата. Надлежните со апел да се прославува само со најблиските, без масовни собири. Министерот Филипче предупреди – состојбата е критична, потребна ни е поддршка. Лекарите објаснуваат дека во затворени простории се зголемува количеството вирус во воздухот, а тоа предизвикува потешка клиничка слика...

Славите и празниците кои се пред нас да ги одбележиме само со најблиските – апелираат надлежните. Коронавирусот интензивно ќе се шири во наредните месеци, потребна е одговорност. Луѓето да не се групираат во домовите и да ги почитуваат мерките за заштита.
Периодот на слави почнува, на празникот Свети Димитрија, соборните храмови беа полни со верници. Велат, традицијата на празнување во домашна атмосфера ќе ја остават за наредната година.
75 проценти од граѓаните заразени со ковид немаат симптоми, вирусот можат да го пренесат без да бидат свесни. Микробиологот Пановски предупредува, во затворени простории коронавирусот побрзо се шири, а клиничката слика на заболениот може да биде потешка.
Состојбата со коронавирусот е критична, болниците веќе ги полнат сите капацитети – предупреди министерот Филипче.
„Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци“, изјави министерот Филипче.
Секојдневно се зголемува бројот на заболени со коронавирус. Поради компликации од вирусот само во државните клиники и болници има над 900 пациенти.
Андријана Атанасовска
