Пет кандидати за градоначалник на Штип
Петмина во трка за градоначалник на Штип. Кандидатури поднесоа СДСМ, ТМРО, Интегра, коалицијата „Иднината во наши раце“ и еден независен. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека е лудост да се организираат избори во вакви услови, за социјалдемократите – Мицкоски бега од пораз.

На 77 гласачки места и со комплетна примена на здравствените протоколи, на 13-ти декември штипјани ќе гласаат за нов градоначалник, откако Бочварски стана министер за транспорт и врски. Се е подготвено за изборниот ден, велат од општинската изборна комисија, каде до законскиот рок, се доставени пет кандидатури.
Мандатот на идниот градоначалник е до октомври идната година кога треба да се одржат редовните локални избори. Во избирачкиот список во Општина Штип запишани се околу 40 илјади лица. Цензусот за избор на градоначалник е излезност од 50 насто плус еден, а за победа во првиот круг потребни се половина плус еден глас за некој од кандидатите. Во Штип досега ниту еднаш не е избран градоначалник во првиот круг.
ВМРО ДПМНЕ одлучи да не учествува на претстојните избори, оттаму сметаат дека е лудост е да се одржуваат избори во време кога десетици луѓе дневно го губат животот. Од СДСМ сметаат дека Мицкоски бега од изборно соочување бидејќи е свесен дека го очекува уште еден пораз.
Славица Величковска
