Телефонски разговор Заев- Борисов за изнаоѓање решенија за отворените прашања

08.11.2020 16:46

Телефонски разговор Заев- Борисов. Двајцата премиери потврдиле дека ќе продолжат да комуницираат, и директно и преку претставници за да се најде решение за отворените билатерални прашања. По рампата од Софија на евроинтегративниот пат, ВМРО-ДПМНЕ побара одговори што било прифатено на состанокот во Берлин. Прашања има и опозицијата од албанскиот кампус...

Заев- Борисов на телефонска врска. Изразиле уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции, информираше владината прес- служба.

На домашната сцена продолжуваат препукувањата меѓу власта и опозицијата околу последните барања на официјална Софија за исполнување на добрососедскиот договор. Од СДСМ велат - владата е посветена на решавање на проблемите со Бугарија, оптимисти се дека проблемите ќе бидат надминати. За владејачката партија, барањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада за национален спас е неприфатливо.

ВМРО-ДПМНЕ бара одговори од државниот врв што е договорено во Берлин, за македонската јавност да не дознава детали од бугарска страна.

И лидерот на Алтернатива, Африм Гаши смета дека власта ѝ должи одговори на јавноста. Тој во интервју за Радио Слободна Европа прашува што се случи во последниве три години за да се нарушат односите меѓу Софија и Скопје.

И додека власта во земјава останува оптимист дека отворените прашања ќе се надминат и покрај рампата од Софија, внимание се насочено кон состанокот на Советот на министри и тет- а- тет средбата Заев- Борисов.

 

Миле Ристески