САД

Бајден најави поништување на серија одлуки од админитрацијата на Трамп

09.11.2020 10:41

Неговиот опонент републиканецот Доналд Трамп сè уште не го признава поразот на претседателските избори. Најави серија митинзи за да добие поддршка во правната битка против изборниот резултат. Гласовите ќе се пребројуваат во Џорџија, а Трамп го бара истото и во Висконсин. Се закани со правна постапка и во Врховниот суд.

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден најави поништување на серија одлуки кои ги донела сегашната администрација на Вашингтон. Меѓу другото, 77-годишниот поранешен потпретседател планира да ги врати САД во Климатскиот договор од Париз, да ја отповика одлуката за излез од СЗО, да ја поништи забраната за влез на државјаните од седумте муслимански земји и да ја врати политиката за мигранти од ерата на Обама. Битката со ковид-19 ја стави на прво место во својата агенда како нов шеф на Белата куќа. Ќе се обезбедат бесплатни редовни тестирања, а носењето маска останува задолжителен дел во протколот. За економијата се предвидени зголемени инвестиции и производство, одредување на попристапни цени на грижата за децата и намалување на јазот меѓу различните етнички групи.

Неговиот опонент републиканецот Доналд Трамп сè уште не го признава поразот на претседателските избори. Најави серија митинзи за да добие поддршка во правната битка против изборниот резултат. Гласовите ќе се пребројуваат во Џорџија, а Трамп го бара истото и во Висконсин. Се закани со правна постапка и во Врховниот суд.

Резултатите се конечни со финалната потврда на бројот на гласови, а за тоа се потребни неколку недели. Сето ова мора да заврши пред гласањето на избраните 538 претставници на Изборниот колеџ на 14 декември.  Инаугурацијата на новиот претседател е на 20 јануари во Вашингтон.