САД

Трамп најави митинзи, Бајден- план за транзиција

09.11.2020 13:17

Доналд Трамп најави серија митинзи пред правната битка против резултатот на изборите за нов претседател на САД. Џо Бајден најави поништување на серија одлуки донесени од Трамп. САД се враќаат на Климатскиот договор и остануваат во Светската здравствена организација...

Републиканскиот претседател на САД, Доналд Трамп најави серија митинзи за да добие поддршка во правната битка против резултатот на изборите за нов шеф на Белата куќа, на кои мнозинството гласови ги освои демократот Џо Бајден. Гласовите ќе се пребројуваат во Џорџија, а Трамп го бара истото и во Висконсин. Се закани со правна постапка и во Врховниот суд, нагласувајќи дека изборите биле наместени. Кина им се придружи на Русија, Бразил и Мексико во одлуката да не ја признаат победата на демократите.

„Резултатот од претседателските избори ќе биде одреден според американските закони и процедури. Ние ќе ги следиме меѓународните правила. И натаму тврдиме дека Кина и САД треба да го подобрат дијалогот и да ги надминуваат разликите со меѓусебно почитување“, изјави Ванг Венбин, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

Европската унија очекува конструктивна соработка со новата администрација на Вашингтон предводена од демократите.

„Соединетите Американски Држави и Германија, како дел од ЕУ, мора да бидат заедно во справувањето со големите предизвици на нашето време. Заедно да се борат со пандемијата, со глобалното затоплување, тероризмот, заедно да работат за отворена глобална економија и слободна трговија. Ова се темелите на нашиот просперитет на двете страни од Атлантикот“, изјави канцеларката Ангела Меркел.

Откако ги надмина потребните 270 електорски гласови, Бајден прогласи победа и почнува да ги презема првите чекори да формира влада. Најави поништување на серија одлуки кои ги донела сегашната администрација на Вашингтон. Меѓу другото, 77-годишниот поранешен потпретседател планира да ги врати САД во Климатскиот договор од Париз. Ќе ја отповика одлуката за излез од СЗО, како и забраната за влез на државјаните од седум муслимански земји. Во однос на мигрантите ќе ја реактивира политиката од ерата на Обама. Битката со ковид-19 ја стави на прво место во својата агенда.

Резултатите се конечни со финалната потврда на бројот на гласови, а за тоа се потребни неколку недели. Сето ова мора да заврши пред гласањето на избраните 538 претставници на Изборниот колеџ на 14 декември. Инаугурацијата на новиот претседател е на 20 јануари во Вашингтон.

Маја С. Филдишев