Реномирани италијански хирурзи ќе работат на проектот Државна кардиохирургија
14.03.2014 16:19
Ова е договорено на денешната средба со премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров како дел од владината заложба за соработка на домашните со врвни медицински центри и стручњаци во светот...

Реномираните италијански кардиохирурзи Роберто Чини и Антонино Маруло директно ќе бидат вклучени во проектот Државна кардиохирургија. Тие ќе ги едуцираат македонските доктори преку пренесување на своето знаење, искуство, вештини и методи на работа, соопшти МИА.
Ова е договорено на денешната средба со премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров како дел од владината заложба за соработка на домашните со врвни медицински центри и стручњаци во светот.
Во текот на разговорот беше посочено дека формирањето Државна кардиохирургија е предизвик кој постои 40 години, а ова е конкретен чекор напред во достигнување повисоко ниво на работа и конкретна реализација на овој проект кој е од интерес за граѓаните на Република Македонија.
Како што соопшти прес-служба, премиерот Груевски на средбата истакна дека значаен приоритет и заложба на Владата е унапредување на капацитетите и усовршување на кадрите преку осознавање и примена на нови методи во здравството. Премиерот Груевски на докторите Чини и Маруло им посака успешен почеток и работа и добра соработка со македонските кардиохирурзи.
Италијанските доктори изразија подготвеност да ги пренесат своите знаења и да ги имплементираат новите методи на работа кои се применуваат во врвните центри, како и верба во капацитетот и подготвеноста на македонските лекари и нивната желба за напредок.
Антонино Маруло е доктор и професор на Универзитетската болница Ла Сапиенца, една од најпрестижните во Италија, а Роберто Чини е реномиран кардиохирург со искуство во повеќе врвни медицински центри во светот.
