Прилеп: Речиси полни ковид-одделенија, инфективното чека централен довод на кислород

10.11.2020 15:38

Прилепската болница на работ на капацитетите и со недостиг од персонал го завршува проектот за централен довод на кислород на инфективното одделение. Таму функционира само дневната амбуланта со 100- тина прегледи и уште 30 пациенти со дневна терапија. Болницата се снаоѓа како знае и умее …

Прилепската болница ги наполни трите ковид-одделенија, а го испразни инфективното. Се чека деновиве да се спроведе централниот довод на кислород на инфективното одделение за таму да се вратат случаите со потешка клиничка слика.

Централниот довод ќе донесе олеснување за 20-ина пациенти на кислород, а ќе отвори простор да се сместат нови пациенти.

Според Центарот за јавно здравје на болничко лекување се 106 пациенти, а Болницата вели дека има простор за околу 110 легла.

Останува проблемот со недостиг од медицински персонал. Се вратија 15-ина специјализанти, ангажирани се 8 медицински сестри и 5 болничари за да се зајакнат смените во инфективното. Има прераспределба од другите одделенија, но не може да се пренебрегне фактот дека 20-ина сестри и болничари и околу 5 лекари се позитивни на ковид-вирусот.

Во болницата нема антивирусна терапија, а нема ниту протокол за давање конвалесцентна плазма на заболените. Со проблемот на медицински персонал и на работ на капацитетите за сместување, болницата се снаоѓа како знае и умее.

Елизабета Митреска