Петар Милошевски- спортски и човечки џин

14.03.2014 16:19

Поседуваше нешто во себе што влијаеше смирувачки во моментите и на највжештените спортски страсти. Можеби токму затоа, каде и да одеше, освојуваше со однесувањето... и ја добиваше капитенската чест!

Се рашири злокобната вест за трагичниот крај на човекот кој зрачеше неизмерна топлина околу себе. Неверување и молк  дека си замина џинот меѓу стативите,  Петар Милошевски!Тој беше неодминлива и единствена појава во нашиот фудбал. Неодминлив поради  предиспозициите  и талентот со кои  ги освојуваше фудбалските простори уште од мали нозе. Единствен поради спортскиот и човечкиот карактер. Тој ги пленеше сите околу себе. Ја градеше кариерата на свој начин: со малку зборови, а со многу работа.

Чекор по чекор, трпеливо се креваше во фудбалските височини. Израсна во појава! Поседуваше нешто во себе што влијаеше смирувачки  во моментите и на  највжештените спортски страсти. Можеби токму затоа, каде и да одеше, освојуваше со однесувањето... и ја добиваше  капитенската чест! Со убави желби во потрага по предизвиците  си замина од  Битола. Како свој го прифатија “Комитите“и до крај беше омилен и во Скопје.Остана во срцата на темпераментните турски фанови. На Кипар со респект и со почит се споменува неговото име. Посветенои  чесно спортуваше!Велеше дека најмногу му импонирарепрезентативниот дрес  со македонскиот грб...Од првиот  момент кога го облече како тинејџер, до последната своја голманска интервенција.

Млад влезе во Куќата на македонскиот фудбал, со поинаква, поттикнувачка за него обврска. Беше неопходен! Мирен, на свој начин ја креваше потребната професионалност во  националниот тим. Обврска, прва  во животот што не стигна да ја заврши!

Фудбалската топка денеска изутрина застана! Тивко, со шепот се зборува во фудбалските кругови! Тага завладеа во земјава! Си замина нашиот спортски и човечки  џин, Петар Милошевски!