Поделени мислења за вакцината на „Фајзер“
Додека ковид- бројчаникот ги регистрира новите случаи на заболени во светот, американски „Фајзер“ ја потврди делотворноста на вакцината против Ковид-19. Мислењата поделени- едни со нетрпение ја очекуваат, други сакаат да се уверат во нејзината безбедност. Дотогаш, останува едно- сериозно да се почитуваат мерките...

По тврдењето на американскиот фармаколошки гигант „Фајзер“ и германската компанија „Бионтех“ дека екперименталната вкцина против Ковид-19 има 90 насто делотворност во спречување на вирусот, мислењата поделени. Додека едни земји со нетрпение ја очекуваат, други велат дека нема да ја спроведуваат се додека не бидат уверени во нејзината безбедност.
„Оваа вакцина прави разлика. Досега беше неизвесно дали може да има вакцина што навистина делува, што всушност ја намалува инциденцата на инфекција и помага да се спречи инфекцијата. И тоа е како изгледа денес. Тоа е охрабрувачки“, изјави Јенс Спан, министер за здравство во Германија.
„Се надеваме дека оваа или наредната недела веќе ќе може да се потпишат уште неколку договори, особено со компанијата „Фајзер“. И првите дози, ако сè оди добро, би требало да пристигнат на почетокот на следната година. Се работи за околу дваесет милиони дози од компанијата „Фајзер“. Тоа е вакцина со двојни дози, така што десет милиони луѓе би можеле да бидат имунизирани“, вели Салвадор Ила, министер за здравство во Шпанија.
„Има многу пречки што сè уште се надминуваат, не ги видовме целосните податоци за безбедноста, тоа е и најважното. Нема да распоредиме вакцина освен ако не можеме да бидеме сигурни во нејзината клиничка безбедност“, изјави Мет Ханкок, секретар за здравство во Велика Британија.
Во меѓувреме, властите уште еднаш повикаа на сериозно почитување на мерките. Бројките и натаму вртоглаво растат. Во Португалија на сила е вонредна состојба откако во земјата секојдневно се регстрираат над 5 илјади случаи дневно. Улиците празни.
„Сите лица кои ги легитимиравме имаа оправдани причини што патуваат“, вели Хуго Лејт, полициски службеник.
Во регионот, властите во Црна Гора воведоа забрана за движење во три града поради забрзаната локална трансмисија.
Бојана Крстевски
