Младите бараат пракса!

14.03.2014 16:53

Стефан Крстевски кој е во завршната година од своите студии на машинскиот факултет веќе ја почнал потрагата по работно место.

Вели дека компаниите не се доволно отворени за студентите,  не нудат пракса, а тоа за нив не влева надежи дека ќе дојдат до работно место.

-„Без работно искуство никој неможе да ти понуди работа ниту да те задржи. Сметам дека треба да се исфорсира практичната работа “, вели Стефан Крстевски студент на Машинскиот факултет.

Проекти за вработување, развој на претприемиштвото, промена на наставните програми на универзитетите ќе отворат нови работни места за младите во земјава. Ова е заклучокот кој произлезе од трибината на МАНУ посветена на младите.

-„Развојот на малите и средните претпријатија и претприемиштвото во Македонија , токму тие се креатори на нови работни места, особено оние мали и средни претпријатија во модерните сектори“, рече универзитетскиот професор Таки Фити.

Со новите владини мерки за вработување приватните компании се ослободуваат   од плаќање на сите социјални придонеси  доколку вработат лица до 29 години . На интернет страната на агенцијата за вработување  можат да се информираат за бројот на работни места, да поднесат сиви и да одат на пракса.

-„Повеќе од 223 000 посети или пак повеќе од 83 000 уникатни посетители само за два месеци е вистински показател за интересот и можноста што им ја даваат овие две алатки на младите и на невработените“, рече Диме Спасов министерот за труд и социјална политика.

Невработеноста ја осиромашува европската економија. Годишно на програмите за вработување се трошат околу 20 милјарди евра. Таа сума би била за 6 пати поголема, доколку невработеноста продолжува да расте. Токму затоа во изминативе години европа презема крупни мерки во насока на вработувањето на младите .

Викторија Тодоровска