Штети од земјотресот досега не се пријавени
Досега штети од земјотресот не се пријавени. Но, граѓаните во Маврово, тетовско и гостиварскиот крај вознемирени по потресите. Западниот дел од земјава е трусно подрачје и вакви поместувања се очекуваат- велат познавачите...

Утринава неколку миниту пред пет часот земјотрес ја разбуди Западна Македонија. Но, тлото кај епицентарот во близина на село Леуново и околината не мируваше. Земјата се тресела во неколку наврати. Градоначалникот на Општина Маврово- Ростуше, Медат Куртовски, изјави дека земјотресот предизвикал заматување на водата во Маврово, но барем засега не се пријавени штети врз објекти.
„Надлежното претпријатие деновиве ќе работи на тоа да може водата повторно да биде ставена во функција за пиење. Станува збор за претежно викенд населба, па голем дел од сопствениците на куќите во Леуново не се таму, затоа веруваме дека нема да има некоја поголема штета. Но, очекуваме наредните денови да има и некое јавување“, изјави Куртовски.
Граѓаните вознемирени од силината на земјотресот, некои пак, велат дека веќе се навикнале на вакви потреси.
„Буден бев, помина тоа, сме се научиле на вакви работи.“
„Господ да не чува, да беше поголем, пострашно ќе беше, ние сме на петти спрат“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Западниот дел од Македонија е трусно подрачје, особено делот од Гостивар кон Дебар и ваквите земјотреси не треба да нѐ изненадуваат, вели универзитетскиот професор Енис Јакупи.Тука се очекуваат земјотреси и до осум степени според Меркелиевата скала, бројка која доволни говори колку треба да внимаваме какви објекти градиме, истакна професорот Јакупи.
„Земјотресот не убива луѓе, луѓето страдаат поради рушење на објектите. Кога ги градиме објектите мора да бидеме посвесни. За да не страдаат луѓето треба да имаме јаки градби“, нагласи професорот Јакупи.
Нашата земја има подрачје каде може да се евидентира земјотрес и до 9 степени според Меркелиева скала, тоа се Пехчево, Валандово, Скопје, Охрид, Дебар и дел од Полошкиот регион.
Зоран Димовски
