Бизнисмените Јорданов и Костовски уценувани од обвинетите во „Шпион“

14.03.2014 15:54

Обвинетите Мичо Насковски и Марјан Маџовски на Јорданов му барале пари заканувајќи се дека преку порталот Буре Весник ќе објавуваат скандалозни текстови во кои ќе го компромитираат неговото семејство...

Да исплати милионска сума наводен долг или ќе објават дека Ремедика тргува со органи, а неговата ќерка шверцува дрога – ова го тврди бизнисменот Минчо Јорданов како сведок во случајот Шпион.
 
Рече дека обвинетите Мичо Насковски и Марјан Маџовски му барале пари заканувајќи се дека преку порталот Буре Весник ќе објавуваат скандалозни текстови во кои ќе го компромитираат неговото семејство.
 
Насковски своевремено бил вработен во фирмата Бетон, сопственост на Јорданов, но кога направил штетен бизнис, потег од кој фирмата изгубила 200 илјади евра, добил отказ, по што почнал да уценува. Јорданов не му исплатил ни денар и го повикал на состанок за да побара да го остави на мира.
 
На состанокот дошол и Маџовски кој од бизнисменот побарал да ги исплати парите. Точната сума не се споменува. Единствени пари кои Јорданов ги исплатил биле на новинарот Зоран Божиновски. Му плаќал од 5 до 10 илјади евра за, како што рече, завршување на задачи кои тој му ги делегирал.
 
Бизнисменот Трифун Костовски, пак, сведочеше дека Божиновски му се заканувал дека ќе објави текстови за местени натпревари и контроверзи со неговиот ракометен клуб.
 
„Од никого конкретно не сум уценуван, барем не парично. А дека се правеле обиди да ме вплеткаат во некои игри, посебно Зоран Божиновски. Во времето на Кометал имаше ниски оптужби за злоупотреба на ракометарките, што апсолутно не беше точно“, изјави Костовски. 
 
На новинарот Божиновски ќе му се суди во посебна постапка штом од Србија, кадешто е во екстрадициски притвор, ќе биде испорачан во земјава.
 
 
 
Анита Димитријевска