Загрозен опстанокот на ендемските видови во Охридското Езеро
Климатските промени се реалност и тоа може да се согледа од моменталната состојба на Охридското Езеро. Неповолните хидролошки услови и зголемувањето на температурата на водата негативно влијаат врз дел од ендемичните видови растителен и животински свет, кој опстојува со милиони години, а меѓу нив најпозната е Охридската пастрмка. Научниците и еколозите апелираат езерото конечно да го добие третманот што го заслужува како најголем резервоар со питка вода во Европа и колку што е можно помалку да се користи како акумулација...

Климатските промени на подолг рок ќе го загрозат опстанокот на охридската пастрмка, уникатен вид риба во светски рамки, за кој и досега не се водеше соодветна грижа бидеќи неконтролирано се изловуваше. Според предвидувањата на научниците за околу 50 години температурата на водата во Охридското Езеро ќе се покачи за најмалку 1 до 2 степени што ќе биде поволно за краповидните риби, но не и за овој ендемичен вид.
„Тоа ќе бидат најверојатно поповолни услови за живеење и размножување и поран почеток на мрестот за краповидните риби кои што живеат во водите во Република Македонија . меѓутоа за салмонидните , односно за пастрмковидните видови риби најверојатно негативно ќе се одразат“, вели проф. д-р Трајче Талевски.
Промената на климата придонесе да имаме и неповолни хидролошки години. Поради тоа еколозите поздравуваат одлуката работата на хидроелектраните да се сведе на минимум.
„За жал Охридското Езеро во голем период се користи и како акумулација за производство на електрична енергија. Одлуката во секој чекор е за поздравување меѓутоа можеби требало и порано да се преземат мерки. Намален е и воопшто дотокот од другите извори во Охридското Езеро така што сега се очекуваат поголеми снегови за да се надополни тој изгубен воден баланс“, вели Ѓоко Зороски- еколог.
Потребна ни е стратегија за обновливи извори на енергија, смета Зороски, со тоа ќе се надомести недостигот од електрична енергија, а притоа нема да се жртвува Охридското Езеро.
Сашо Нелоски
