Политика

Заев оптимист за компромисно решение со Бугарија

12.11.2020 14:47

Премиерот Заев оптимист за компромис со Бугарија, но не ја исклучи и можноста во декември да не се одржи меѓувладината конференција Македонија-ЕУ. Шефот на владата дециден- нема преговори за индентитетот и јазикот. Опозицијата побара во Собранието информација за Македонско- бугарските односи. Откако предлогот не беше прифатен, ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја напуштија салата...

Премиерот Заев оптимист за компромисно решение со Бугарија, но не ја исклучува и можноста во декември да не се одржи меѓувладината конференција Македонија-ЕУ. Правиме с, но за идентитетот и македонскиот јазикот нема преговори, дециден шефот на Владата. Заев смета дека нема потреба за дебата во Собранието кога се во тек разговорите со Бугарија и дека опозицијата има интерес само за добивање политички поени.

И шефот на дипломатијата не сака да го прејудицира исходот од дијалогот со Софија. Османи тврди дека најдостоинствено се претставуваат државните интереси. Уверен е дека 26 земји членки имаат усогласени ставови на текстот на преговарачката рамка, но сепак е свесен дека одлуката се носи со консензус.

Опозицијата побара на пленарна седница информација за Македонско-бугарските разговори, по неуспешниот втор обид за комисиска расправа. Откако не дојдоа пратениците од мнозинството, ниту поканетите министри, на комисијата за надворешна политика беше поставена макета од вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Во предлог-заклучоците се бара осуда од Собранието за позициите во бугарскиот меморандум и безусловна одлука на земјите членки на ЕУ за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција. И Левица побара Собранието да донесе декларација. Спикерот Џафери објасни дека нема деловнички услови точките да бидат на дневен ред.

По ваквиот исход, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица ја напуштија пленарната сала. Европската комисија пак останува на ставот дека двете страни треба да најдат компромис и дека може да се надминат несогласувањата. На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на Европската Унија, на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Македонија.

Милчо Велески