Итната медицинска помош доби пет санитетски возила од Армијата за побрз транспорт на ковид- пациенти
Итната медицинска помош доби пет санитетски возила од Армијата. Во следните денови ќе се обезбедат уште две за транспорт на пациенти во другите градови. Министерот Филипче и натаму смета дека нема потреба од полициски час. Повика да се почитуваат досегашните мерки...

Од денеска возниот парк на Итната медицинска помош ќе го збогатат пет воени санитетски возила, како помош од Армијата.
Мобилизизација за борбата против ковид- кризата. Армиските возила ќе помогнат за побрзо реагирање и јакнење на капацитетите, сите ресурси на државата треба да се насочат во борбата против коронавирусот, рече министерката за одбрана Шекеринска. Во следните денови ќе се обезбедат уште две возила за транспорт на пациенти во другите градови.
Притисокот кон здравствениот систем е огромен. Се зголемува потребата од брз транспорт на пациентите до болничка установа и затоа помошта на Армијата е драгоцена, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот информираше дека на координативен состанок со директорите на интерните клиники е направен распоред на пациенти и дополнителни болнички капацитети. Формиран е дополнителен тим којшто е одговорен за третманот на пациентите на интерните клиники. Министерот и натаму смета дека нема потреба од полициски час. Повика да се почитуваат досегашните мерки.
Александра Спировска
