Тлото во Маврово полека се смирува, се бројат штетите

12.11.2020 16:03

Тлото во Општина Маврово- Ростуште каде беа епицентрите на вчерашните неколку земјотреси полека се смирува. Се бројат штетите предизвикани од силните потреси. Патот кон Дебар кој беше затрупан со одрони од камења е расчистен...

Се бројат штетите предизвикани од земјотресот во Општина Маврово Ростуше. Се работи претежно за стари објекти, но се очекуваат и пријави за викендици. Екипи на комуналното претпријатие ја следат состојбата со изворот, од кој општината се снабдува со вода за пиење, кој беше заматен по првиот силен потрес.

Западна Македонија е трусно подрачје .Силните потреси во Маврово го отворија прашањето колку Мавровското езеро кое сега се полни со вода, влијаело на вчерашните земјотреси.

Стопанската Комора за Енергетика на Македонија реагираше на својата официјална Фејсбук страница со следнава содржина:

„Земјотресите настануваат како последица на неконтролираното празнење и полнење на езерата. Исто тоа се случи 1963, многу дожд и наеднаш земјотрес. Земјотресот е последица од празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптеретување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување“, истакнаа од Стопанската комора за енергетика.

Универзитетскиот професор Енис Јакупи, вели во дека на потег од Гостивар, па сѐ од Елбасан, соседна Албанија, очекувани се земјотреси како вчерашниот на секои 50 години. Полнењето на езерото може само да го забрза процесот на тектонските движења.

Најновите истражувања покажале дека во Македонија може да има земјотрес со јачина и до 9 степени според Меркилиевата скала. Вчерашниот со над 5 степени не предизвика сериозни штети, ако се земе предвид фактот дека во епицентралното подрачје Маврово има мал број на висококатници, кои се најосетливи на тектонски потреси од поголеми размери.

Зоран Димовски