Ковид-19: САД уриваат негативни рекорди

12.11.2020 14:34

САД забележа нов негативен рекорд. Во последните 24 часа се регистрирани речиси 143 илјади нови случаи на Ковид-19, најмногу во еден ден. Од почетокот на пандемијата има 10, 7 милиони заразени и речиси 248.000 починати...

Со 10, 7 милиони заразени и речиси 248.000 починати, САД и натаму уриваат негативни рекорди. Секојдневно се регистрираат десетици илјади нови случаи на Ковид-19. Расте и бројот на хоспитализирани. Во обид да се спречи ширењето на вирозата, од петок, Њујорк воведува нови рестрикции. Баровите, рестораните и спортските сали ќе работат до 22 часот, а дозволени се собири со  најмногу 10 лица. Новите ограничувања, се воведуваат еден ден откако Калифорнија и неколку држави на средниот запад ги заострија мерките. Бројни организации се обидуваат да ја шират свеста за тестирање и заштита.

Делиме маски и флаери со информации за ковид-центрите каде што може да се прават бесплатни тетсови. Ја шириме свеста. Забавно е што на некој начин се обидуваме да им влеземе на луѓето во умот и им кажуваме дека треба да се грижат за себе и другите“, вели еден волонтер.

Во Европа пак, Франција, Русија и Шпанија се на врвот од листата по бројот на новозаразени и починати. По нив се Велика Британија и Италија. Се продолжува полицискиот час во Австрија за 10 дена, а први заштитни мерки воведува и Шведска. Забрана за служење алкохол по 22 часот. Од 23 ноември Шпанија воведува задолжителен ПЦР тест за сите патници кои доаѓаат од земјите со висок ризик.

Сите патници што влегуваат во нашата земја од државиет со висок ризик,преку аеродромите или пристаништата, од 23 ноември мора да имаат негативен ПЦР тест направен не повеќе од 72 часа пред да влезете во Шпанија. Карантинот е исклучен“, вели Салвадор Ила- Министер за здравство на Шпанија.

И додека власите се обидуваат да се справат со здравствените и економските последици што го донесе пандемијата, фармацевтските гиганти се во трка за што поефикасна вакцина. „Фајзер“ веќе продаде 82 проценти од своите залихи на вакцини на некои од најбогатите земји во светот, што предизвикува загриженост дека нема да има доволно дози за луѓе од посиромашните земји. Шефот на германската дипломатија, Мас побара вакцините за Ковид-19 да бидат достапни, сметајќи ги за глобално јавно добро.

Нашиот повик е да ги направиме вакцините против Ковид-19 глобално јавно добро. Земјите ширум светот се приклучија, избирајќи солидарност пред национализмот. Сепак, да се има вакцина е само првиот чекор. Неговата фер, глобална дистрибуција ќе биде клучна“, изјави Хајко Мас- германски министер за надворешни работи.

Студија на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ покажува дека фер дистрибуција на вакцини против коронавирус би спречила 61 процент на смртни случаи на глобално ниво. Во истата анализа се наведува дека ако дозите најпрвин би биле распределени меѓу богатите земји, бројот на смртни случаи би се намалил за само 33 проценти.

 

Маријана Димовска